Ѓукановиќ: Изборот е дали Црна Гора ќе биде покраина на голема Србија или европска земја

Претседателот на ДПС и претседателски кандидат на партијата на изборите, Мило Ѓукановиќ, на изборна трибина во Сутоморе изјави дека на овие избори се одлучува дали Црна Гора ќе биде, како што наведе, „провинција на голема Србија“, или ќе го продолжи патот по кој тргна, понатаму да се развива како организирана европска држава.

Ѓукановиќ рече дека сите го виделе ефектот од владата во која во 2021 година работел неговиот противкандидат во вториот круг од претседателските избори од движењето „Европа сега“, Јаков Милатовиќ, а тоа е дека Црна Гора не само што била запрена на патот кон ЕУ, туку денес меѓу Подгорица и Унијата е ископана огромна бездна, која, како што рече, „треба да биде гробница на независна, граѓанска, европска Црна Гора“.

Ѓукановиќ истакна дека Воислав Шешељ и организациите на Црногорците во Белград, истите кои на 21 мај 2006 година наместо граѓаните се понудија да одлучат дали Црна Гора ќе биде независна, сега го поддржуваат Милатовиќ.

Ѓукановиќ рече дека е убеден дека ќе победи на изборите на 2 април.

Милатовиќ е противкандидат на Ѓукановиќ во вториот круг од претседателските избори во Црна Гора закажан за 2 април, откако од вкупно седум кандидати двајцата освоија најголем број гласови во првиот круг на 19 март.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *