Меџити најави уште 19.000 глукометри и ленти за лицата со дијабетес

Од вчера има десет илјади, а деновиве ќе стигнат уште девет илјади глукометри и ленти за лицата со дијабетес што треба да се распределат во сите аптеки. Системско решение со кое треба да се надмине проблемот со терапиите би имало за околу две години.

Ова го најави министерот за здравство, Фатмир Меџити, на форумот по повод Светскиот ден за борба против дијабетесот што денеска го организираа здруженијата на пациенти.

Одговарајќи на новинарски прашања, министерот потврди дека изминува тешка година за дијабетичарите, но нагласи дека и проблемот со тендер и буџетот ги наследиле.

„Имавме година во која се соочивме со повеќе предизвици, но сепак морам да истакнам дека Министерството за здравство и Националната комисија за дијабет, во соработка и со здруженијата макотрпно работеа на успешно решавање на истите. Заедно придонесовме за подобрување како на општото здравје, така и на квалитетот на живот на пациентите со дијабет“, рече Меџити.

Диме Велев, претседател на Сојузот на здруженија на дијабетичари, рече дека веќе четири години бараат системско решение во кое пациент ќе може да си доплати за подобар квалитет.

„Водиме институционален дијалог и не сакаме радикални мерки. Улицата не ја исклучуваме, но доколку немаме дијалог со властите и доколку нема промени“, кажа Велев.

Претседателот на Националната комисија за дијабетес, Ирфан Ахмети, рече дека не е забележан раст на компликации доколку редовно не се прима терапијата, за да се подигне алармот на повисоко ниво.

„Националната комисија е тело на Министерството и заедно со министерот инсистираме на формирање на национален регистар, затоа што така ќе добиеме најпрецизно бројки за лицата со дијабет“, кажа Ахмети.

Пациентите со дијабетес сведочат дека оваа година е можеби најтешка за дијабетичарите, поради тоа што нема редовност на терапијата и не се сигурни во квалитетот на глукометрите и лентите што ги набавува државата.

Министрите, Националната комисија, сите зборуваат за тендери, за процедури… А дијабетичарот во една рурална средина како што е Демир Хисар, тоа не го интересира. Нему животот му зависи од од лентичката, глукомерот и од инсулинот, тие се неопходни, изјави Драган Станковски, претседател на Здружението „Сончева светлина“ од Демир Хисар, ги претставува лицата со дијабет од неговата општина.

На денешниот настан беше кажано дека оваа година е посебна за пациентите, затоа што слават и 100 години откако го добиле правото на живот, благодарение на откривањето на инсулинот.

„На почетокот на наредните 100 години, како пациенти, сакаме да нема тендери за набавки на нашата потребна терапија, не сакаме да слушнеме за најниска понудена цена, не сакаме да не може да ја подигнеме потребната терапија поради доцнење на тендерот, не сакаме да немаме ленти, ланцети и игли. На почетокот на наредните 100 години, сакаме да имаме современа инсулинска и таблетарна терапија која ќе биде достапна за секој пациент, кај кој ќе има потреба од истата“, рече Велев на отворањето на настанот.

На форумот беа презентирани експертски ставови за имплементација на Националната програма за дијабетес и ќе се донесат соодветни заклучоци и препораки за заедничко делување во текот на наредната година.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ