Грчката новинарка Алексија Калаици, која ја помина ноќта во Солун разговарајќи со преживеаните, рече дека патниците во несреќата морале да ги скршат прозорците за да избегаат од возот.
„Разговаравме со многу млади луѓе кои беа во целосен шок. Еден млад човек, 20-годишен, ни кажа дека мислел дека ќе умре бидејќи слушнал тресок, а потоа почувствувал дека целиот вагон оди настрана и се урива“, рече Калаици.
Додаде дека патниците морале со багажот да ги скршат стаклата и да избегаат од вагонот.
„Ги видоа првите два вагони запалени, а чад имаше насекаде, луѓето беа во паника и врескаа“, опиша таа.
Луѓето со кои разговарала, вели новинарката, се главно студенти кои се враќале од одмор.
„Најлошото им беше на родителите кои ги чекаа децата на железничката станица во Солун и не можеа да ги најдат“, заклучува таа.