Според Николоски, сите вклучени страни — изведувачите и надзорот — се ангажирани и работат одлично, а напредокот веќе може да се види и јавно.
„Изведбата на автопатот оди со одлична динамика и морам да кажам дека сите се ангажирани и изведувачите и надзорот. Навистина прават одлична работа и се повеќе и јавноста може тоа да го види, така што остануваме на она што го ветивме, а тоа е согласно роковите, до крајот на мај месец да имаме не само целосно пуштен автопат, туку и автопат со сите потребни документи, нешто што, за жал, не сме го гледале често во минатото“
Министерот потврди дека градежните работи на делницата од Извор до Врбјани, заедно со тунелите кај Пресека, се завршени.
„Оној најтежок дел, што оди од селото Извор -кичевско до селото Врбјани во Дебарца, очекувам во следните неколку недели да биде ставен во функција. Таму градежните работи се целосно завршени, што може да се види и со голо око. Пробиен е тунелот, двете тунелски цевки се пробиени, едната е во должина од 2.100 метри, втората е во должина од 1.990 метри и се работи за најдолги тунелски цевки во Македонија. Исто така четирите галерии што се на овој дел се завршени. Завршен е и целосно трупот на патот, мостовите, вијадуктите, така што од градежен аспект целокупната работа е завршена“
Според него, во моментов се спроведува најновата европска директива за безбедност во сообраќајот, особено во тунелите, и се вршат потребните тестирања за да се обезбеди највисоко ниво на безбедност.
„Ова ќе е првпат оваа европска директива да биде применета не само во Македонија, туку во целиот регион и, во таа насока, во моментов се случуваат тестирањата“
Извор: TV21 – Македонија




