Папа Франциск: Социјалната сигурност мора да биде праведна и одржлива за идните генерации

Папата Франциск денеска порача дека идните генерации не смеат да бидат оптоварени со трошоците на денешните пензиски системи и ги охрабри креаторите на политиките да негуваат „култура на заедничко добро, социјална сигурност и одржливост“.

Потсетувајќи на библиски примери на лошата и добрата промисла, папата Франциск ја истакна потребата од „мудри политичари“, кои не трошат ресурси и не ги оптоваруваат идните генерации.

– Потребни ни се мудри политичари, водени од критериумот на братство, кои избегнуваат претерано да трошат ресурси кога се достапни и не ги оставаат идните генерации во сериозни тешкотии“, ги пренесува „Ватикан Њуз“ неговите зборови.

Папата Франциск истакна дека социјалната сигурност денес сè повеќе е „актуелно прашање“ бидејќи економските и социјалните аспекти на демографското стареење стануваат сè поважни, додека се чини дека општеството „го изгубило хоризонтот“, без грижа за иднината.

Загрижувачки знаци во оваа смисла, како што наведе, се еколошката криза и националниот долг што се става на товар на децата и внуците.

– Одржливоста, наместо тоа, одговара на принципот дека е неправедно да се наметнуваат неповратни и прекумерни оптоварувања на младите, рече папата, истакнувајќи дека социјалната сигурност е облик на благосостојба што „ги држи заедно различните генерации“.

Поглаварот на Католичката црква им порача на 400 менаџери и вработени во Италијанскиот национален институт за социјално осигурување (ИНПС) во Ватикан дека луѓето треба да имаат пристап до достоинствени работни места без претерани форми на привремени договори или принуда да прифатат работа на црно.

Потсетувајќи дека странските работници кои сè уште немаат италијанско државјанство придонесуваат и за италијанскиот пензиски систем, папата Франциск истакна дека јавното социјално осигурување не потсетува дека „сè е поврзано“ и дека сме меѓусебно зависни.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *