Повеќе од стотина учесници во Струга ќе го прследат Летниот регионален семинар што го организира Францускиот институт во Скопје. Во хотелот „Дрим“ утре во 18.30 часот учесниците ќе ги поздрави францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер. Обучувачите се експерти од Франција и ќе анимираат работилници на актуелни тематики врзани за наставата на и по француски јазик во рамките на образовниот систем.
Семинарот повеќе од две децении обединува на едно место професори по француски јазик од повеќе земји во регионот. До 28 јуни ќе бидат организирани педагошки работилници наменети за професорите од земјава, но и од поширокиот регион (Албанија, Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина).
– Главни цели на обуката се: истакнување на видливоста на францускиот јазик, зајакнување на неговото место во образовните системи на земјите на учесниците, создавање на вистинска кохезија меѓу учесниците, остварување богати меѓусебни размени на професионални искуства меѓу професорите по француски и професорите кои предаваат нејазични дисциплини на француски јазик од Југоисточна Европа – велат од Францускиот институт.
Семинарот се организира во соработка со француските амбасади и институти од земјите во регионот.