Поранешниот француски репрезентативец Рафаел Варан, светски шампион во 2018 година со француската репрезентација, денеска објави дека на 31-годишна возраст се повлекува од фудбалот.
„Паднав и станав илјада пати и овој пат е време да застанам и да ги закачам копачките по последниот натпревар во кој го освоив трофејот на Вембли“, напиша Варан на Инстаграм, осврнувајќи се на победата на Манчестер Јунајтед во ФА Купот, пред да се пресели во Комо, каде одигра само еден натпревар.
На 11 август, Варан се повреди по 20 минути игра, за време на неговиот прв и единствен официјален меч за Комо, кога тој тим загуби од Сампдорија во Купот на Италија.
Оттогаш тој се нема појавено во италијанското првенство, а неговото име го нема ниту меѓу играчите пријавени за настап во шампионатот во Серија А.
Италијанските медиуми тогаш објавија дека Комо ќе го раскине двегодишниот договор потпишан на крајот на јули.
Во својата порака на социјалните мрежи, Варан сепак кажува дека ќе остане во Италија и покрај неговото пензионирање.
„Почнува нов живот надвор од теренот. Ќе останам во Италија, но без да користам копачки и штитници“, рече Варан.