Одлуката Брињоне ја соопшти преку видео што го сподели Италијанската скијачка федерација, пренесуваат медиумите.
„По овие два дена на снегот, сфатив дека ногата сè уште не ми е добро. Прво, премногу ме боли. Затоа решив да ја завршам спортската кариера и повеќе да не се натпреварувам, иако тоа е многу тешка одлука“, рече 36-годишната Брињоне.
Таа додаде дека сака уште еднаш да застане на стартот, овој пат за збогување со спортот што го сака.
„Сепак, навистина би сакала уште еднаш да ја отворам стартната порта за да се збогувам со овој свет што го сакам и обожавам и да ги поздравам сите. Ќе ве известам каде и кога. Ќе се видиме наскоро“, напиша Италијанката.
Брињоне се натпреваруваше во велеслалом, супервелеслалом, спуст и алпска комбинација. Таа е првата Италијанка што го освои Големиот кристален глобус — во сезоната 2019/2020, а пет години подоцна додаде уште една победа во генералниот пласман на Светскиот куп.
Во малите глобуси има два во велеслалом и по еден во супервелеслалом, спуст и алпска комбинација.
Во април 2025 година Брињоне доживеа тешка несреќа на тренинг во Вал ди Фаса, при што претрпе повеќекратни скршеници на левата нога (тибија и фибула) и оштетување на лигаментите. И покрај тоа, успеа да се врати за Зимските олимписки игри 2026 во Милано и Кортина.
Таму освои златни медали во супервелеслалом и велеслалом. Во велеслалом има и сребро од Пекинг 2022 и бронза од Пјончан 2018, а меѓу нејзините олимписки одличја е и бронзата во алпска комбинација од Пекинг.





