Што означуваат зелените ленти што се појавија на патиштата во Словенија?

Во словенечкиот град Потоки, недалеку од Јесенице, се појавија зелени сообраќајни ленти.

Кога ќе кажеме дека зелените ленти се наоѓаат на коловозот каде што нема тротоар, работите стануваат појасни. Имено, Дирекцијата за инфраструктура на Словенија се одлучила на овој чекор со цел да се зголеми безбедноста на пешаците кои се движат по тој пат, пренесува N1.

Во Словенија, како и во Хрватска, има многу населени места каде што покрај главните сообраќајници нема тротоари за пешаци. Јесенице е едно такво место, па од општината се надеваат дека наскоро ќе следи целосно реновирање на делницата.

Како што се дознава, покрај бојата, користен е и нов дизајн на ознаките на подот, со цел да се намали брзината на возачот и со тоа да се зголеми безбедноста на пешаците. Со вметнување зелена лента коловозот е стеснет од осум на шест метри. Овој тип на оптичко стеснување на патиштата веќе некое време се користи во Словенија, врз основа на добрата практика во ЕУ.

„Врз основа на скриени мерења на брзината, евидентирано е дека меѓу 60 и 70 отсто од сите возачи не го почитуваат пропишаното ограничување на брзината од 60 километри на час“, велат од Управата за инфраструктура за причините за ваквиот потег.

Од Дирекцијата очекуваат дека сега ќе се намалат брзините на оваа делница, а со тоа ќе се зголеми и самата безбедност во сообраќајот. Дирекцијата воведе разделна лента со зелено поле на 16 делници, според N1 Словенија.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ