Македонската универзитетска карате репрезентација ги привршува последните подготовки пред настапот на Светското универзитетско првенство во карате, кое од 8 до 13 јуни ќе се одржи во Бразилија, Бразил, во организација на ФИСУ.
На шампионатот се очекува учество на околу 1.500 студенти-спортисти од повеќе од 40 земји, што го прави еден од најсилните универзитетски спортски настани во светот.
Младата каратистка Греса Мустафи од Струга продолжува да испишува нови страници во својата успешна спортска кариера.
По бројните настапи и освоени признанија на домашната и меѓународната сцена, таа обезбеди учество на Светското универзитетско првенство во боречки спортови – FISU World University Championship Combat Sports 2026, кое ќе се одржи во Бразилија, Бразил.
Греса Мустафи стана препознатливо име на меѓународната карате сцена, достојно претставувајќи ја Македонија на европски и светски натпреварувања. Нејзиниот пласман на Светското универзитетско првенство е уште една потврда за нејзиниот квалитет, талент и истрајност.
Греса Мустафиу ќе биде учесничка во категоријата +68 кг од Универзитет „Мајка Тереза“ – Скопје.
Овој успех не е само личен триумф, туку и гордост за Струга и за цела Македонија. Греса е пример дека со труд, посветеност и силна волја може да се стигне до самиот врв и да се биде рамо до рамо со најдобрите во светот.





