Среда, 11 ноември 2026 среда, 11 ноември Струга 17°C Струга 17°C Пријави вест
Македонија

Субхи Јакупи избран за нов претседател на Управниот суд објави

Објавено: · 1 мин читање
Субхи Јакупи избран за нов претседател на Управниот суд објави

Судскиот совет го избра Субхи Јакупи, судија во Вишиот управен суд, за нов претседател на Управниот суд. Одлуката беше донесена на денешната седница, по разгледувањето на кандидатурите и гласањето врз основа на извештајот со предлог-листа.

Повеќе членови на Советот ја поддржаа неговата кандидатура, посочувајќи ги неговото седумгодишно искуство во Вишиот управен суд, раководните способности и програмата за работа. Дел од членовите оценија дека Јакупи добро ги познава состојбите и слабостите во управното судство, како и предизвиците со кои се соочува системот.

Поддршка за изборот даде и Владо Камбовски, кој оцени дека Јакупи понудил најдобра програма. Сузана Јошевска, пак, се изјасни против, посочувајќи дека тој има најмал судиски стаж меѓу кандидатите и дека досега не работел како судија во Управниот суд со кој ќе раководи. Таа оцени и дека програмата содржи цели кои не се доволно разработени.

За функцијата биле пријавени пет кандидати. Пријавите на Субхи Јакупи, Газменд Фејзули, Едита Наскова и Ѓоко Живковски биле навремени и комплетни, додека кандидатурата на Љуљзим Салиу била отфрлена поради некомплетна документација.

На предлог-листата се најдоа Ѓоко Живковски, со 12 години судиски стаж, Субхи Јакупи со седум години стаж во Вишиот управен суд, Едита Наскова со 14 години и Газменд Фејзули со 18 години судиски стаж.

На истата седница Судскиот совет донел и одлуки за разрешување судии-поротници од основните судови во Велес и Тетово.