Сабота, 14 ноември 2026 сабота, 14 ноември Струга 17°C Струга 17°C Пријави вест
Македонија

СВР Охрид предупредува: Лажни казни од „Безбеден град“ и интернет измами

Објавено: · 1 мин читање
СВР Охрид предупредува: Лажни казни од „Безбеден град“ и интернет измами

Секторот за внатрешни работи Охрид предупредува на зголемен број пријави од граѓани кои станале цел на интернет измами, лажни инвестициски понуди и измамнички пораки поврзани со системот „Безбеден град“.

Според полицијата, измамниците испраќаат СМС и други електронски пораки од странски телефонски броеви, користејќи лажни интернет-страници, апликации и социјални мрежи.

Во дел од случаите, граѓаните добиваат понуди за инвестирање и тргување со ветувања за голема заработувачка. Притоа, од нив се бара да внесат лични информации и банкарски податоци.

Посебно внимание привлекуваат лажните известувања за наводно сторени сообраќајни прекршоци регистрирани преку системот „Безбеден град“. Во пораките се испраќаат линкови преку кои граѓаните се повикуваат да платат одредена парична казна.

Од СВР Охрид апелираат граѓаните да бидат особено внимателни, да не отвораат сомнителни линкови, да не споделуваат лични и банкарски податоци и да не вршат уплати преку непроверени интернет-страници.

Полицијата потсетува дека официјалните СМС известувања за сообраќајни прекршоци од системот „Безбеден град“ пристигнуваат од испраќачот „MVR SC“ и содржат податоци и фотографии од возилото, како и линк до официјална интернет-страница.

Секој сомнителен случај граѓаните треба да го пријават во најблиската полициска станица.