Учениците утре се враќаат на настава, до крајот на учебната година ќе имаат пролетен распуст

По тринеделниот зимски распуст, основците и средношколците утре ќе се вратат во училишните клупи за да ја продолжат наставата од второто полугодие на 2023/2024 година. Ќе имаат уште еден, пролетен одмор, од 29 април до 6 мај 2024, што е новина оваа учебна година.

Ново е и што учениците во основните училишта ќе учат до 17 јуни, за да се исполни утврдениот број работни денови (180) согласно календарот за организација на наставата. За средношколците учебната година ќе заврши на 10-ти наместо на 17 јуни. МОН ја смени првичната одлука на барање на Средношколскиот сојуз заради подготовките за запишување во високото образование. 

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири појасни дека Законот за средно образование дозволува да се постапи и да им се излезе во пресрет на засегнатите затоа што нема одредена законска обврска за точен број работни денови.

За основците, Владата дополнително ќе треба да одлучи како ќе бидат надоместени двете неработни среди кога ќе се одржуваат изборите (24 април и 8 мај) и дали учебната година во основните училишта ќе заврши два дена подоцна од 17 јуни. Ресорниот министер изјави дека јавноста ќе биде навремено известена.

-Ќе треба да се разгледа како може да се постапи за тие два дена кои се предвидени за реализација во календарот за работа на годишно ниво. Ќе известиме навремено кога ќе има владина одлука за тоа, рече Шаќири. 

ОСТАНАТИ ВЕСТИ