ЗА ДА СЕ НАМАЛИ ЗАВИСНОСТА ОД ВИЗЕР, ВЛАДАТА НАМЕСТО КОМПАНИИ ЌЕ СУБВЕНЦИОНИРА АВИОЛИНИИ, ЌЕ СЕ ПЛАЌА ПО ПАТНИК ВО ДОАЃАЊЕ, А НЕ ВО ЗАМИНУВАЊЕ

Владата донесе одлука за субвенционирање на авиосообраќајот по дестинации, а не како досега по авиокомпании, соопшти министерот за транспорт и врски Александар Николоски.

Тој  кажа и дека место досегашните 4 евра од заминат патник од Охридскиот аеродром, државата од буџетот сега ќе дава 12 евра по патник што ќе го донесат авиокомпаниите на овој аеродром, со цел развивање на туризмот.

„Досега се субвенционираше по патник на заминување од Македонија, а отсега ќе субвенционираме по патник на доаѓање во Македонија. Целта е да носиме луѓе, туристи, на поевтин начин. Второ, ако претходно беше 7 евра по патник на заминување, сега субвенцијата ќе биде 9 евра по патник на доаѓање на Скопскиот аеродром. Ако претходно беше по 4 евра од Охридскиот аеродром, сега со стимулирање на туризмот, ќе биде 12 евра по заминат патник од овој аеродром“, кажа Николоски на денешната прес-конференција во Владата.

Субвенциите за новите дестинации ќе може да бидат и на линии надвор од ЕУ, зашто досега беа субвенциионирани само летови од аеродромите на Европската унија.

„Од први јануари 2025 година до 31 декември 2027 година се планира годишна програма за субвенционирање во износ од по 125 милиони денари, за разлика од досегашната која изнесуваше 63 милиони денари годишно. Авиокомпаниите кои ќе конкурираат, ќе треба да исполнат услов – да имаат опслужено 5 милиони патници во текот на 2023 година. Треба да имаат и најмалку 10 милиони евра профит во текот на 2023 година“, ги кажа Николоски условите кои ќе бидат објавени во огласот.

Новината да не се субвенционираат авиокомпании, туку дестинациите што тое компании ќе ги одржуваат е за да се намали зависноста од една компанија, како што е сега унгарскиот нискобуџетен превозник „Визер“. Оваа компанија во моментов држи над 60 проценти од целиот авиосообраќај на двата македонски аеродрома.

„Тоа значи дека ја избегнуваме праксата со која се субвенционираа една, две или три авиокомпании, туку повикот ќе биде отворен за сите авиокомпании кои што ги исполнуваат овие услови, за секоја засебна дестинација. Го решаваме проблемот со зависност од една авиокомпанија. Причината за драстичното намалување од 330.000 патници оваа година, за жал е поради проблемот што го има ‘Визер’ со своите авиони, што на ниеден начин не е поврзан со состојбата во Македонија“, рече министерот.

Повикот ќе биде објавен следната недела. Николоски повика на што поголем одзив на авиокомпаниите, за да бидат избрани најквалитетните за субвенционирање.

Во моментов, освен „Визер“ субвенции од македонската држава добива и германска „Луфтханза“ за да ја одржува линијата Скопје – Франкфурт.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ