Закана за бомба во јапонскиот Парламент

Јапонскиот парламент доби електронска порака во која непознати напаѓачи се закануваат дека за утре се планирани напади врз институцијата.

Одделот за односи со јавност на Горниот дом на јапонскиот Парламент примил електронско писмо во кое се наведува дека во петок, на 21 април, во 13:34 часот по локално време (6:34 часот по средноевропско време) ќе се случи масовно убиство во Горниот и Долниот дом на парламентот), пренесува Санкеи Њуз.

Авторите на заканите соопштиле дека припаѓаат на религиозна група, но не е прецизирано за која станува збор. Нивната цел, како што навеле, е да извршат терористички напад, „бидејќи само во него гледаат можност за промени во државата“.

Во писмото понатаму се наведува дека се „поставени голем број бомби со разорна моќ во ходниците на горниот и долниот дом на парламентот“ како и уреди со кои ќе се распрска отровната супстанца сарин, која, патем, е еден од најопасните нервни агенси.

По добивањето на дописот, полицијата извршила проверка во просториите, но засега нема дополнителни информации.

Кон средината на месецот беше извршен напад врз премиерот на Јапонија, Фуми Кишида. Врз него беше фрлена супстанца слична на димна бомба.

Претходно, минатиот јули, поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе беше убиен додека држеше говор во градот Нара. Во него пукаше четириесет и седумгодишен Јапонец.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ