Шведската влада предложи намалување на минималната возраст за кривична одговорност за најтешките кривични дела на 13 години, со што во иднина тринаесетгодишно лице осудено за убиство би можело да помине една или две години во затвор за малолетници.
Владата претстави и неколку построги казни за сторители помлади од 18 години, пишуваат англиските медиуми.
Како што се наведува, и покрај остри критики, владата продолжила со предлогот за намалување на кривичната одговорност на 13 години за дела за кои е пропишана минимална затворска казна од четири години — на пример убиство, обид за убиство, тешко силување или сериозно нарушување на јавната безбедност.
Министерот за правда Гунар Стремер на прес-конференција изјавил дека Шведска се соочува со итна ситуација и дека мерките кои се преземаат мора да го одразуваат тоа.
Според медиумите, минатата година во Шведска 52 лица под 15-годишна возраст биле опфатени со судски постапки заради убиство или планирање убиство. „Тоа е запрепастувачко“, рекол министерот.
Планирано е намалувањето на старосната граница за кривична одговорност да стапи во сила на почетокот на јули и да важи пет години. Потоа би следела парламентарна расправа за тоа прашање.
Според изјавата на министерот, целта е во тие пет години да се постигнат значајни резултати во превенцијата од криминал, по што ќе се разгледа враќање на старосната граница од 15 години или трајно поставување на границата на 13 години.
Дополнително се наведува дека тринаесет- и четиринаесетгодишни лица осудени на малолетнички затвор ќе добиваат значително намалени казни — на една десетина, односно една петина од казната која би ја добило возрасно лице. Тоа значи една до две години затвор за тринаесетгодишни или три до четири години за четиринаесетгодишни.
Сепак, судовите ќе можат да определат и друга санкција наместо малолетнички затвор, како што се надзор и грижа, особено ако казната по намалување според возраста изнесува помалку од една година.
Шведската затворска служба очекува летово да има 54 места за лица од 13 до 17 години во специјални одделенија за малолетници. Бројот на места ќе се зголеми на 300 до 2027 година, пренесува Sweden Herald.
Истовремено постепено се укинува сегашниот затворен систем на државни домови за малолетни сторители и се заменува со малолетнички затвори.
Планирано е по одлежувањето на казната, тринаесет- и четиринаесетгодишните да бидат под условна мерка во период од две години, под надзор на социјалната служба и службите за рехабилитација и реинтеграција.
Во моментов лицата под 15 години кои ќе извршат кривично дело не можат да бидат казнети, туку за нив се грижат социјалните служби.
За оние под 15 години кои ќе извршат помалку сериозни кривични дела, како што се грабеж или напад, и понатаму ќе биде надлежна социјалната служба, пишува Sweden Herald, повикувајќи се на Министерството за правда.
Шведска најави намалување на ограничувањето за кривична одговорност на 13 години
©2024 Спектра ТВ. Сите права задржани. Made by
Ultrasoft