Трагедија се случила во близина на водопадот Савица во Бохињ, Словенија, откако седумгодишно момче паднало во провалија, а неговиот 44-годишен татко, откако ги слушнал неговите крици, тргнал кон него и исто така паднал.
Според словенечката полиција, станува збор за четиричлено семејство од странство, кое било во посета на водопадот Савица. Засега не е соопштено од која земја е семејството.
На враќање од водопадот, семејството застанало кај одморалиште со маса и клупи.
Во еден момент седумгодишното момче се оддалечило од останатите членови, по што тие ги слушнале неговите крици.Таткото тргнал кон местото од каде што доаѓале криците, но притоа паднал во провалијата.
Спасувачите ги пронашле таткото и детето во коритото на реката Савица. 44-годишниот маж им подлегнал на повредите, додека тешко повреденото момче со хеликоптер било пренесено во Универзитетскиот клинички центар во Љубљана.
Од Горската спасувачка служба Бохињ соопштија дека нивните членови во моментот кога била пријавена несреќата биле на вежба во непосредна близина, поради што речиси веднаш можеле да се упатат кон местото.„Се спуштивме кон коритото, кое се наоѓаше нешто помалку од 60 метри под нас“, навеле спасувачите.
Точната висина од која паднале детето и неговиот татко засега не е позната.Спасувачите го подготвиле момчето за хеликоптерски транспорт, додека телото на неговиот татко од тешко пристапниот терен било извлечено со помош на јажиња.
