Белград и Приштина во Брисел се договорија за декларација за исчезнатите лица

Декларацијата за исчезнати лица е првиот документ договорен меѓу Белград и Приштина по постигнувањето на основниот договор меѓу двете страни, јави дописникот на МИА од Белград.

Како што изјави за новинарите директорот на српската владина Канцеларија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ по денешните разговори во Брисел меѓу Белград и Приштина, прво одделно со претставникот на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак, а потоа и на заедничка средба, по договорот за терминологијата која ќе се користи, ќе следи презентација на тој документ на средбата на највисоко ниво.

Како што наведе Петковиќ, клучни биле разговорите за спроведување на договорот меѓу двете страни и придружниот Анекс, за енергетика, како и ЗСО, согласно договорите од 2013 и 2015 година.

Првиот чекор, додаде, ќе биде презентација на нацрт-статутот подготвен од Управувачкиот тим.

Ова го потврди и главниот преговарач на Приштина, Бесник Бисљими, кој не го спомна ЗСО, но рече дека разговарале за нацрт на Управувачкиот тим за формирање општини со српско мнозинство и дека со тоа ќе се занимаваат лидерите на највисоко ниво.

Тој додаде дека следната средба меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти е планирана за втората половина на април.

Петковиќ рече дека се разговарало и за енергетиката и дека е договорено тие разговори да продолжат со операторите, како и дека имало разговори и за регистарските таблички.

-Покажавме конструктивност, дека го почитуваме сето она на што се обврзавме и кога станува збор за сите претходно постигнати договори и договорот од Охрид, со нашите јасно наведени црвени линии кога станува збор до каде можеме да стигнеме во процесот на имплементација, заклучи Петковиќ.

Петковиќ и Бисљими се сретнаа за прв пат откако претседателот на Србија и премиерот на Косово го прифатија договорот за патот кон нормализација на односите и анексот за имплементација на тој договор. Најважната работа е на нив – да ги утврдат деталите и да го спроведат договореното.

Од друга страна, ЕУ повторува дека договорот и анексот ќе станат дел од поглавјето 35, а со тоа и дел од обврските на патот на двете страни кон членството во ЕУ.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *