Борел: Договорот меѓу Србија и Косово мора да се спроведе, нема избор

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел денеска во Брисел изјави дека Охридскиот договор меѓу Косово и Србија е целина што мора да се спроведе и оти е залуден секој обид договорот да се доведе во прашање.

– Дозволете ми да кажам дека секој обид да се доведе во прашање договорот е залуден. Договорот е договорен, тој мора да се имплементира и нема простор за избор, изјави Борел пред самитот на ЕУ каде што ќе поднесе извештај пред лидерите на ЕУ за последната рунда од дијалогот меѓу Белград и Приштина на 18 март во Охрид.

Борел нагласи дека договорот е целина и оти сите страни мора да го спроведат.

– Тоа е една целина, сите страни мора да го спроведат, на холистички начин, а ние внимателно ќе следиме кој спроведува, а кој не. Би ги советувал да не го вперуваат прстот кон никого, туку да си ја вршат својата работа, додаде тој.

Претседателот на Србија и премиерот на Косово, Александар Вучиќ и Албин Курти, со посредство на ЕУ, на 18 март во Охрид постигнаа договор за имплементацискиот анекс на Договорот за патот кон нормализирање на односите меѓу Косово и Србија, постигнат на 27 февруари во Брисел.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *