Детали за смртта на малата Данка: Ја удриле со автомобил, па нејзиното тело го фрлиле на депонија

Потрагата по исчезнатата Данка Илиќ за жал доби трагичен епилог. Најмрачните сомнежи на семејството и на јавноста се обвистинија, а утринава се уапсени две лица поради сомнеж дека со автомобил го убиле малото девојче, а потоа го фрлиле нејзиното тело на дива депонија покрај „Старобањски пат“ кај Бор.

Како што е потврдено за „АТВ“, криминалистичката полиција од Бор ги привела работниците на Јавното комунално претпријатие „Водовод“ Бор, С.Ј.(50) од село Лука и Д.Д.(50) од село Злот.

„С.Ј. е осомничен дека со службено возило „фиат панда“ удрил во 2-годишната Данка на улицата Радомир Патник, и ја усмртил. Заедно со колегата Д.Д., телото на девојчето го ставиле во багажникот на возилото, по што се упатиле кон дивата депонија на „Старобањски пат“ кај Бор, каде телото го фрлиле на десната страна од патот“, вели извор близок до истрагата, пишува „Blic“.

С.Ј. се товари за тешко кривично дело против безбедноста на јавниот сообраќај, а Д.Д. за помош на сторителот по извршувањето на кривичното дело. По апсењето и на двајцата им е одреден притвор до 48 часа.

Истрагата на криминалистичката полиција на ПУ Бор укажува дека сè се случило на 26-ти март околу 13 часот и 52 минути, односно само 7 минути откако, по пријавата на мајката, девојчето исчезнало.

„С.Ј. се товари дека не ја приспособил брзината на возилото со состојбата и условите на патот, поради што со предниот десен дел од возилото удрил во девојчето и ја усмртил“, вели извор од истрагата.

Данка Илиќ исчезна на 26-ти март околу 13 часот и 45 минути во Бањско поле кај Бор. Кога исчезнала била со мајка ѝ и брат ѝ и оттогаш ѝ се губи секаква трага. Поради нејзиното исчезнување, за првпат во Србија е активиран системот „Најди ме“.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ