Ескобар: Договорот меѓу Белград и Приштина е за нормализација, а не за признавање

Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар денеска изјави дека европскиот предлог за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина е договор за нормализација на односите, а не за меѓусебно признавање, јави доиписникот на МИА од Белград.

На прес-конференција во американската амбасада, по дводневната посета на Белград, за време на која разговараше со српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ, Ескобар рече дека неговите очекувања се „двајцата лидери да можат да се слушнат меѓу себе“.

-Треба да разговараат како да одат напред кон потпишување на договорот. Треба да размислат како да ги надминат пречките и да излезат од тој состанок сфаќајќи дека така ќе продолжи се додека тоа не се реши. Нашите очекувања се договор за нормализација на односите, а не за меѓусебно признавање, изјави Ескобар.

Тој додаде дека американскиот став е да Косово е независна земја со територијален интегритет и суверенитет и дека веруваат дека меѓусебното признавање би било од корист за целиот регион.

-Што се однесува до членството на Косово во ОН, мислам дека тоа ќе донесе побрза интеграција во ЕУ не само на Косово и Србија, туку и на целиот регион. Целиме кон процеси кои ќе го доближат целиот регион до Европа, рече Ескобар.

Тој рече дека целта на неговата посета е да работи со политичките лидери во регионот за да се изнајдат начини за подобрување и напредок на предлогот на европскиот договор.

-Од перспектива на САД, ние веруваме дека овој договор дава една од најдобрите можности да се придвижи регионот напред и да се создадат мирни услови за сите луѓе кои живеат во регионот, рече Ескобар на прес-конференција, по вчерашните средби со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ.

-Сакаме двете страни да бидат сериозни во барањето на оваа можност да бидат конструктивни и флексибилни и да имаат визија и да ја искористат оваа можност, не само Европа, туку и САД и трансатлантската заедница како целина, рече Ескобар.

Тој оцени дека Заедницата на српски општини (ЗСО) е важна за односите меѓу Србија и Косово, но прашање е само кога таа ќе се формира

Според него САД би сакале на средбата во Охрид да видат признание дека ЗСО е важен дел од односите меѓу Србија и Косово и рече дека ЗСО ќе се формира и дека единствено прашање е колку брзо тоа ќе се случи.

-Кога зборувам за тоа како барање, не сакам да предизвикам конфронтација или да го поставувам како предизвик. Факт е дека ЗСО се појавува во Бриселскиот договор, тоа е дел од заклучоците на Европскиот совет и тоа е дел од политиката на САД. Ќе се оствари, само прашање е колку брзо тоа ќе се случи, а другиот дел е каков модел ќе се примени, рече Ескобар на прес-конференција.

Тој истакна дека специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, навел неколку различни примери како функционира овој тип на заедница во ЕУ, за да им се даде право на малцинствата сами да одлучуваат за својата судбина.

-Би сакале еден од тие модели да послужи како модел за ЗСО. Во однос на нашите очекувања од средбата во Охрид, би сакале да видиме што е можно поголемо учество на Србите на косовските избори, вклучително и нивното учество како кандидати, посочи Ескобар.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *