(ФОТО + ВИДЕО) Невреме во Словенија: Паднати дрвја, излеани реки, илјадници домови се без струја

На некои места поради последиците од невремето затворени се локални и магистрални патишта, а илјадници домаќинства се без електрична енергија

Невреме со силен ветер, дожд и град денеска ја зафатија Словенија. Силниот ветер урна дрвја, а од невремето оштетени и поплавени се се повеќе објекти. На некои места поради последиците од невремето затворени се локални и магистрални патишта, а илјадници домаќинства се без електрична енергија. Според инфомациите, кои ги пренесуваат словенечките медиуми, најсилните налети на ветерот биле речиси 100 километри на час, неколку реки низ земјата се излеани, а состојбата се уште не е смирена.

Според досегашните податоци на информативниот центар, најлошо е во Помурје, додека поплавени згради, многу паднати дрвја и прекини во електричната енергија има и од Горење, Корушка, Штајерска и Приморска.

Силниот ветер соборил голем број дрвја, од кои дел се паднати врз возила, згради, далноводи, предизвикувајќи еден пожар и неколку прекини во електричната енергија. Откриени се и штети и на неколку покриви на згради и поплави во неколку подруми. Некои згради се оштетени и од град.

„Метеоинфо Словенија“ на својата фејсбук-страница објави дека по невремето во многу делови на Словенија, денот се завршува со виножито, што е најава за период на постабилно време што се очекува на крајот на неделата.

„Топол африкански воздух повторно ќе почне да ни се шири. Температурите веќе во сабота ќе надминат 30 степени, а во недела и на почетокот на следната недела повторно може да очекуваме околу 35 Целзиусови степени“,се вели во информацијата на „Метеоинфо Словенија“.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ