Хаг: Обвинителството заврши со уводните зборови во судењето на поранешните лидери на ОВК

Обвинителството денеска заврши со уводните зборови пред Специјализираните совети со седиште во Хаг на почетокот на судењето на четворицата поранешни лидери на ОВК.

Освен присилно затворање, обвинителството тврди дека четворицата обвинети – Хашим Тачи, Кадри Весељи, Јакуп Красниќи и Реџеп Сељими се одговорни за најмалку 102 убиства.

Обвинителот Џејмс Пејс рече дека уште најмалку 20 лица кои биле убиени сè уште се водат како исчезнати.

Тој рече дека затворениците биле држени во многу лоши услови, дека биле врзани со синџири, и не добивале храна.

– Притворите на одредени локации биле толку лоши што некои мислеле дека смртта им е подобра опција, рече обвинителот, истакнувајќи дека обвинетите го знаеле сето тоа.

Обвинителот Пејс рече дека затворениците биле тепани или физички малтретирани, а некои од методите на тортура биле удирање со палки по телото, сечење на телото со ножеви, струен удар, повреда со врел восок и други.

Обвинителот наведе и дека некои од затворениците биле принудени сами да си ги ископаат гробовите, а некои биле тепани додека не изгубиле свест.

Тој рече дека оние кои преживеале тортура повеќе од 25 години живеат во страдање и заклучи дека мора да ја добијат правдата.

Специјализираното обвинителство при излагањето на воведните зборови наведе дека има извештаи од меѓународни организации дека ОВК не се трансформирала по завршувањето на војната, односно дека е прекршен договорот за демилитаризација.

Обвинителството тврди дека злосторствата се вршени систематски и континуирано заради остварување на заедничка криминална цел.

Беше прикажана и мапа со локациите каде што наводно се држеле затворениците, а обвинителството наведе дека во текот на судскиот процес ќе докаже и како биле преместени од затвор во затвор, како на територијата на Косово, така и во Кукеш и Цахан на северот на Албанија.

Обвинителот Џејмс Пејс рече дека меѓу жртвите има и луѓе кои се занимавале со шумарство, земјоделство, како и новинари, наставници и други.

Обвинителот на Специјалниот суд спомена три села, во кои се држеле луѓе, а потоа некои од нив биле убиени.

Станува збор за Лапушник, Злаш и Клечка.

Во Лапушник, обвинителот рече дека од крајот на април 1998 година до 25 или 26 јули 1998 година биле приведени 30 лица.

Обвинетите се обвинети за убиство на 10 жртви кои биле држени таму.

Второто место кое се споменува е Злаш, а обвинетите се обвинети за убиство на еден од осумтемина притвореници.

Според обвинителот, во Клечка биле приведени 20 лица, а 11 од нив биле убиени. (МИА)

ОСТАНАТИ ВЕСТИ

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *