Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа, учествуваше и имаше поздравно обраќање на регионалната експертска тркалезна маса „Интегрирано управување со шумите на Западен Балкан: Научени лекции, предизвици и насоки за иднината“, организирана во Струга од ЦНВП и ИЦЕП, со финансиска поддршка од Австриската агенција за развој (АДА).
Настанот обедини претставници на институциите од Северна Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора, експерти од областа на шумарството, претставници на меѓународни организации, научни институции и локални заедници, со цел размена на искуства и разгледување на заедничките предизвици во управувањето со шумските ресурси.
Во своето обраќање, заменик-министерот Хоџа ја нагласи важноста на заедничкиот пристап во заштитата на шумските екосистеми, особено во прекуграничните подрачја како што е сливот на реката Дрим.
„Не е случајно што за оваа дискусија сме собрани токму во Струга, каде што Црн Дрим го започнува својот тек од Охридското Езеро. Дрим нè потсетува дека природата не познава граници. Нашите шуми, води и екосистеми се меѓусебно поврзани, па затоа и одговорноста за нивната заштита мора да биде заедничка“, истакна Хоџа.

Осврнувајќи се на приоритетите на Министерството, тој го нагласи ангажманот за модернизација на шумарскиот сектор, дигитализација и подобрување на системите за мониторинг на шумите, унапредување на законската рамка во согласност со европските стандарди, како и зајакнување на мерките за превенција од шумски пожари.
Во таа насока, Министерството работи и на подготовка на стратешка визија за развој на шумарството во следните две децении, со акцент на подобро управување со шумските ресурси, заштита на биолошката разновидност и зголемување на отпорноста кон климатските промени.
Значаен дел од настанот беше посветен на резултатите и искуствата од четиригодишниот регионален проект „Интегрирано управување со шумите долж сливот на реката Дрим“, кој го спроведуваат ЦНВП во Северна Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора, во партнерство со ИЦЕП, со финансиска поддршка од Австриската агенција за развој.
Проектот е насочен кон подобрување на интегрираното управување со шумите, обновување на шумските екосистеми, зачувување на биолошката разновидност, приспособување кон климатските промени и создавање нови економски можности за руралните заедници.
Во рамките на тркалезната маса се разгледуваа научените лекции од спроведувањето на проектот, институционалните и практичните предизвици во шумарството, како и можностите за нови заеднички иницијативи. Посебно внимание беше посветено на улогата на локалните заедници, сопствениците и корисниците на шуми, јавните институции и приватниот сектор во заштитата и управувањето со природните ресурси.
„Завршувањето на еден проект не треба да значи и завршување на соработката. Искуствата и партнерствата изградени во изминатите четири години треба да послужат како основа за нови иницијативи и конкретни резултати на терен“, порача заменик-министерот Хоџа.
На настанот учествуваа и претставникот на Австриската агенција за развој, Давид Мукенхубер, директорот на ЦНВП Северна Македонија, Нехат Рамадани, градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, заменик-министерката за животна средина на Албанија, Елда Џумари, како и институционални претставници од Косово и Црна Гора.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство продолжува со активностите за модернизација на шумарскиот сектор и зајакнување на регионалната и меѓународната соработка, со цел подобра заштита, одговорно управување и долгорочно зачувување на шумските и природните ресурси.




