Во бугарскиот Парламент претпладнево ќе се оддржи лидерска средба на коалициите ГЕРБ-СДС и „Промените продолжуваат-Демократска Бугарија“, на која ќе се обидат да најдат консензус за темите што ја засегаат агендата на државата и општеството во контекст на претстојното предавање на првиот истражувачки мандат, соопштија од прес-центарот на ГЕРБ, пренесе БТА.
Средбата е закажана за 10:30 часот во салата „Запад“ на Народното собрание.
ГЕРБ-СДС за неделава на состаноци ќе ги покани и лидерите на другите парламентарни партии застапени во 49. Народно собрание, информираа од прес-центарот на ГЕРБ.
Претседателот Румен Радев минатата недела имаше консултации со пратеничките групи пред да го врачи првиот истражувачки мандат. Меѓу прашањата за кои се разговараше беа опциите за формирање на редовна влада во ова ново Народно собрание, усвојувањето на годинашниот буџет и другите законски приоритети.
Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, по консултациите со радеб кажа дека најдоброто нешто за Бугарија е коалиција меѓу двете најголеми политички сили – „ГЕРБ-СДС“ и „ПП-ДБ“. Тој посочи дека ГЕРБ-СДС има опција и за експертски и за партиски кабинет. Притоа Борисов децидно кажа дека „нема да бидам кандидат за премиер“.
-Избирачите кажа – без ГЕРБ не се може, но иако се први, не можат сами да управуваат, додаде тој. „Затоа и ние покажуваме многу трпение“, увери Борисов.
Копретседателот на „Промените продолжуваат“, Кирил Петков, изјави дека „ПП-ДБ“ не може да го поддржи првиот мандат на ГЕРБ-СДС.
-Поставуваме јасен стандард во бугарската политика – тоа што го ветуваме пред избори ќе бидат нашите постапки по изборите, коментира тој. Во случај првиот мандат да не собере мнозинство, подготвени сме да понудиме јасна можност бугарскиот Парламент со вториот да избере влада, изјави и Петков на консултациите со претседателот Румен Радев.
Од ПП-ДБ изјавија дека се подготвени да побараат поддршка за вториот мандат од сите, како и да предложат опција за малцинска влада. (МИА)