Мицотакис: Неопходна е политичка стабилност

Политичката стабилност станува национална неопходност, а напредокот е единствениот пат за земјата, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во видео порака до граѓаните во пресрет на изборите на 21 мај, јави дописничката на МИА од Атина.

Веднаш по средбата со претседателката Катерина Сакеларопулу од која побара распуштање на Парламентот, Мицотакис им се обрати на граѓаните и во пет и пол минутната изјава се осврна на најважните теми од четиригодишниот мандат, но и на најголемите проблеми и предизвици со кои Владата се соочи, а паралелно ги спомена и приоритетите за во иднина.

Се осврна на мигрантската криза, пандемијата, војната во Украина, енергетската криза, инфлацијата и провокациите од Турција, истакнувајќи дека „наспроти сето ова, економијата и општество останаа исправени“, а паралелно додаде дека биле спроведени и мерки за поддршка на граѓаните, како што се намалување на даноците, зголемување на пензиите и на минималната плата.

-За четири години, и покрај тешкотиите, беа направени многу работи, но, останува да се направат уште многу повеќе. Знам дека и покрај позитивните чекори, платите во земјата сè уште се ниски. Јавното здравство сè уште има рани за лечење. Нашата држава мора да стане поефикасна. Потребна е поголема грижа за младите. Токму овие ќе бидат нашите приоритети во нашиот нов мандат, истакна Мицотакис.

Рече дека на претходните избори, во јули 2019 година не ветил чуда, туку план и напорна работа, со конкретни обврски, „кои сега, во 2023 година се опиплива реалност“.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *