Недела, 15 ноември 2026 недела, 15 ноември Струга 14°C Струга 14°C Пријави вест
Балкан

Неџад Грабус ја презеде должноста реис на Исламската заедница во БиХ

Објавено: · 1 мин читање
Неџад Грабус ја презеде должноста реис на Исламската заедница во БиХ

Сараевскиот муфтија Неџад Грабус денеска официјално ја презеде должноста на поглавар на Исламската заедница во Босна и Херцеговина, на церемонија што се одржа во џамијата Гази Хусрев Беј во Сараево.

Со ова 58-годишниот Грабус стана врховен верски авторитет на муслиманите во БиХ, Словенија, Србија и Хрватска.

Грабус, кој беше избран за реис на 10 октомври за седумгодишен мандат со право на резибор, на оваа позиција ќе го наследи Хусеин Кавазовиќ, кој беше поглавар на Исламската заедница во последните 14 години.

Во својата прва проповед по положувањето на заклетвата, Грабус рече дека има намера да се потпре на поддршката од сите кои сакаат да придонесат за општото добро.

„Ние сме и муслимани и Европејци во исто време. Цврсто го креваме нашиот глас против убивањето невини луѓе насекаде во светот. Религиозна должност е упорно да се работи на воспоставување мир и меѓусебно почитување низ целиот свет“, рече Грабус, додавајќи дека сите луѓе имаат исто потекло и дека секоја форма на дискриминација го нарушува Божјиот ред.

Тој најави дека како реис ќе работи на зајакнување на дијалогот со сите верски заедници.

Позицијата реисул-улема со седиште во Босна и Херцеговина е воспоставена во 1882 година, за време на владеењето на Австроунгарската монархија. Грабус е 14-тиот реис.

Грабус е роден во Травник и се школувал во Сараево, каде што дипломирал на Факултетот за исламски науки во 1994 година и докторирал во 2008 година. Тој е редовен професор на тој факултет од 2021 година. Од 2006 до 2021 година, тој беше љубљански муфтија и претседател на Мешихат на Исламската заедница во Словенија, а од 15 септември 2021 година е сараевски муфтија.