Грчката полиција разби организирана криминална група која се занимавала со шверц и нелегална дистрибуција на цигари и тутунски производи во северниот дел на земјата. Во полициската акција се уапсени пет лица, а според истрагата, групата дистрибуирала повеќе од 17 милиони шверцувани цигари.
Криминалната организација дејствувала претежно на подрачјето на Солун, а според полициските информации, нејзините активности започнале најдоцна во јули годинава.
При претреси на станбени објекти, магацински простории и камион целосно натоварен со нелегални цигари, полицијата запленила 543.000 пакувања, односно вкупно 10,86 милиони цигари. Дополнително биле откриени и 20.128 пакувања тутун со вкупна тежина од над еден тон.
Меѓу уапсените се петмина грчки државјани, за кои се сомнева дека имале различни улоги во организирањето и спроведувањето на шверцот. Во истрагата се опфатени уште шест лица, чиј идентитет веќе им е познат на надлежните органи.
Според проценките на грчката полиција, криминалната група дистрибуирала вкупно 850.500 пакувања, односно 17.010.000 цигари, а очекуваната незаконска заработка од нивната продажба изнесувала 1.360.800 евра.
Грчките власти ја продолжуваат истрагата за целосно расветлување на активностите на криминалната организација и улогата на сите инволвирани лица.
Извор: TV21 — Регион




