Шмит: Истрага и прогон за лицата кои го негираат геноцидот во Сребреница

Високиот меѓународен претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит ги повика надлежните институции да ги истражат и гонат лицата кои го негираат геноцидот во Сребреница.

„Нема место во цивилизирано општество за глорификација на воените злосторства и негирање на геноцидот“, порача Шмит во објавата на официјалниот Твитер профил на ОХР, откако претседателот на Република Српска Милорад Додик вчера повторно негираше дека е извршен геноцид во Сребреница.

Според зборовите на високиот претставник во БиХ, „само искрен, вистинит и одговорен пристап кон настаните од минатото може да обезбеди иднина исполнета со меѓусебно разбирање и заеднички просперитет за сите“.

Шмит потсети дека според Кривичниот законик на Босна и Херцеговина, негирањето на геноцидот извршен во 1995 година во Сребреница е кривично дело.

Коментирајќи ја изјавата на лидерот на Партијата за демократска акција (СДА), Бакир Изетбеговиќ, дека РС е „геноцидна творба“ и дека нејзиното раководство за време на војната извршило „заеднички злосторнички потфат“, Додик вчера рече дека тоа го покажува незадоволството на Изетбеговиќ од сопствената положба и положбата во која се нашол неговиот СДА.

Тој го нарече Изетбеговиќ „политички лузер и губитник“, нагласувајќи дека РС не извршила геноцид.

„Не постои геноцид, тоа е начинот на кој тој (Изетбеговиќ) сака да се врати на сцената“, рече Додик.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *