Српски медиуми: „Данка е виденa со две Романки во Виена“. Вучиќ: Имаме нова трага (ВИДЕО)

Нова трага за исчезнатата Данка Илиќ се појави синоќа во три и пол часот наутро. Во прашање е сè уште непроверена информација дека Данка Илиќ била видена во Виена во придружба на две Романки, пишуваат српските медиуми.

Српските медиуми објавија видео на кое се гледаат две жени и едно девојче за кое велат дека е исчезнатата двегодишна Данка Илиќ од Бор.

Снимката наводно е од Виена, но нема потврда кога е снимена и каде точно. На видеото се гледаат две жени со чанти кои стојат на улица, а покрај нив има мало девојче.

Од снимката не може да се утврди дали се работи за исчезнатата Данка.

Оваа информација пристигнува на шестиот ден од потрагата по малото девојче. Телеграф.рс пишува дека ова го снимил Србин од Виена, а наведуваат дека се обидел да им се обрати на жените кои го придружувале девојчето. Но, не успеале да се разберат.

Тој рекол и дека жените го повикувале девојчето, но детето не реагирало.

Колку и да звучи неверојатно оваа информација, полицијата има должност да ја провери бидејќи ниту една трага, колку и да е чудна, не може да се игнорира, пишува Блиц.

Така, пред неколку ноќи полицијата преку Интерпол со помош на колеги од Босна и Херцеговина ги провери и гласините на Тик Ток дека тројца мажи од Босна и Херцеговина знаеле каде исчезнала Данка и дека барале откуп од 25.000 евра за неа.

По извршената проверка било констатирано дека оваа информација не е точна, а тројцата уапсени по извршената проверка биле пуштени на слобода.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска на аеродромот Полковник-пилот Миленко Павловиќ во Батајница изјави дека се појавила нова трага во потрагата по Данка Илиќ.

„Сакам да ѝ се заблагодарам на полицијата која работи деноноќно. Кога во три и пол синоќа се појави нова трага, ме известија и мене. До пет и пол секој беше на своето место. Секоја чест за нивната посветеност, колку луѓето се борат за еден прекрасен живот. Секој божји ден. Се надевам дека ќе успеат да го расветлат и овој случај“, рече Вучиќ.

Освен што го прегледале телефонот на Ивана, мајката на исчезнатата Данка Илиќ, припадници на српското МВР наводно извршиле и преглед на неколку нејзини профили на социјалните мрежи.

Полицијата во петокот отишла со мајката на двегодишната Данка Илиќ на местото каде исчезнало девојчето за да им го покаже секој чекор и детаљ од тој ден.

Двегодишната Данка Илиќ исчезна во вторникот околу 13 часот и 45 минути, а во моментот на исчезнувањето носела виолетови панталони, јакна во маслинесто зелена боја, а косата и била врзана во опавче.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ