Бројот на загинати во железничка несреќа во Грција се искачи на 57, потврди за Би-Би-Си патологот Елени Загелиду. Во истрагата учествуваат вкупно десет вештаци. Железничарите денеска почнаа еднодневен штрајк ширум Грција, а во исто време гневот на јавноста расте. Граѓаните организираа протести во Атина, Солун и Лариса, во близина на местото на несреќата.
Штрајкот на железничките работници започна во 06:00 часот по локално време, што влијаеше на железничките услуги и работата на метрото во Атина. Синдикатот ги обвини грчките власти дека со години го игнорирале проблемот со грчките железници, што на крајот доведе до трагедијата.
Спасувачите се уште се на терен и се обидуваат да ги пронајдат преживеаните патници. Константинос Иманимидис изјави за Ројтерс дека ова е „најтешкиот момент“ за нив бидејќи „наместо да спасуваат животи, тие мора да извлекуваат мртви тела“. Да потсетиме, несреќата се случи нешто пред полноќ во вторникот. Патнички воз со 350 луѓе се судри со товарен воз.
Синоќа демонстрантите во Атина се судрија со полицијата пред седиштето на компанијата одговорна за управување со железницата во Грција. Демонстрантите фрлаа камења, а полицијата возврати со солзавец.
Протестите продолжуваат и денеска.