Грчката полиција разби криминална организација на Крит која нелегално поседувала и продавала археолошки антиквитети, при што уапсени се шест лица, а откриени и запленети се над 90 ретки археолошки предмети, чија вредност надминува еден милион евра, јави дописничката на МИА од Атина.
Од грчката полиција соопштија дека криминалната организација постоела најмалку три години, била формирана од три лица, кои имале посебни улоги.
Двајца биле задолжени за лоцирање на антиквитети и пронаоѓање заинтересиран купувачи и регулирање на деталите за завршување на нелегалната продажба, додека пак третиот ја проценувал културната и паричната вредност на античките археолошки предмети, поради неговите специјализирани знаења добиени од претходно професионално искуство.
При претресите спроведени од полицијата биле пронајдени и одземени седум саркофази од Микенскиот период (1400-1300 п.н.е.), а во некои од нив имало коски, како и 88 керамички садови од истиот период, но и од каменото време.
-Одземените антиквитети се оценети како особено ретки и нивната вредност се проценува дека надминува 1.000.000 евра, соопштија од полицијата.
Уапсените лица биле изведени пред надлежното обвинителство, а полицијата трага по уште три лица.