Здружението Биом вчера објави дека во Албанија повторно е забележан еден од најзагрозените морски цицачи на светот — медитеранска фока-мечка, што дава надеж за опстанокот на овој вид.
„Повторно имаме среќа да бидеме сведоци на медитеранска фока-мечка! Нашите партнери од “Protection and Preservation of Natural Environment in Albania” (PPNEA) неодамна забележале уште едно примерок на овој редок и загрозен цицач. Секој пат кога добиваме вакви снимки, јасно е дека заедничката работа и посветеноста преку проектите за медитеранска фока-мечка – носат резултати“, напишале од Биом заедно со снимката на возрасната фока.
Здружението “PPNEA” објави и снимка на младенче кое било забележано во една пештера на полуостровот Карабурун, но ги предупреди минувачите да не се приближуваат до пештерите за да се намалат негативните влијанија на човечката активност
„Ова набљудување сугерира дека ова подрачје може да биде соодветно засолниште за размножување на овој критично загрозен вид, што дава надеж за нејзината репродукција и зачувување“, пишуваат од здружението “PPNEA”.
„Но, со ова охрабрувачко известување доаѓа и загрижувачката реалност: присуството на луѓе во близина на пештерата каде што медитеранските фоки-мечки се одморале предизвикало значителни нарушувања. Честите нарушувања на овој вид може да доведат до тоа мајката да го напушти своето младенче — трагичен исход кој мора да го избегнеме по секоја цена“, додаваат.
Членовите на здружението ги молат минувачите да не се приближуваат до подрачјата кои можат да служат како засолништа за дивите животни, да го почитуваат растојанието и да бидат тивки во природните живеалишта на животните, како и да пријават секое нарушување во живеалиштето до надлежните служби или до здружението “PPNEA”.
„Ова е момент за славење, но и момент за размислување за одговорноста која ја споделуваме сите во заштитата на нашето природно богатство“, заклучуваат.