Вучиќ по средбата со Билстром: Бараа од нас да воведеме санкции кон Русија, кога Косово ќе формира ЗСО, ќе покажеме колку доверлив партнер сме

Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, денеска се сретна со министерот за надворешни работи на Кралството Шведска, Тобијас Билстром, кој порача дека Шведска очекува Србија да ја усогласи својата политика со партнерите од ЕУ и да воведе санкции против Русија, додека Вучиќ порача дека Србија ќе исполни се од договорот со Приштина, но само откако Косово ја исполни својата обврска од Бриселскиот договор и ја формира ЗСО, јави дописникот на МИА од Белград.

-Тој рече дека руската агресија врз Украина променила сè, а со тоа и Шведска по 200 години неприпадност на ниту еден воен блок, одлучи да припаѓа на еден воен блок (НАТО). Јас, разбирајќи ја позицијата на Шведска, реков дека некој мора да не разбере и нас, бидејќи токму тој воен блок не нападна без дозвола на Советот за безбедност на ОН во 1999 година, рече Вучиќ на прес – конференцијата по средбата.

Тој додаде дека Србија ги разбира пораките на Шведска од воведувањето санкции кон Русија, до однесувањето во односите со Приштина, нагласувајќи дека Србија е независна и суверена и како таква ќе носи одлуки, но и земајќи го предвид она што го кажуваат партнерите од ЕУ.

Вучиќ осврнувајќи се на односите со Косово изјави дека Србија ќе го исполни својот дел од обврските од дијалогот со Приштина, но не пред другата страна да ја формира Заедницата на српските општини (ЗСО), што е предвидено со Бриселскиот договор, кој денеска наполни 10 години од неговото потпишување.

-Нема игра во врска со тоа. Мора да го исполните тоа, и само кога ќе го исполните, тогаш ние ќе го исполниме нашиот дел. Можеби како гест на добра волја ќе направиме нешто еднострано, но тоа нема никаква врска со вашата обврска целосно да го исполниме тоа, за дури потоа ние да направиме се останато, изјави Вучиќ.

Тој рече дека денеска се зборува дека Албанците треба „да започнат со процесот на формирање на ЗСО“, а Србија веднаш да исполни „се што ќе им текне“.

-Не, работите одат вака: денес се навршуваат 10 години од усвојувањето на Бриселскиот договор, вие ја формирате ЗСО со суштински овластувања, а кога тоа ќе го направите, Србија секогаш си го одржала зборот, како што се придржуваше по Бриселскиот договор и во иднина и Србија ќе си го одржи својот дел од работата, рече Вучиќ.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *