Мерката притвор од 30 дена е одредена за Кристијан Корабоски, кој се сомничи за напад врз 26-годишната Сара во Охрид. Одлуката ја донел Основниот суд во Охрид, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство, кое во понеделникот поднесе обвинение против него за три кривични дела.
Корабоски се товари за телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста. Според наводите на обвинителството, при вршење семејно насилство, тој ја затворил својата партнерка против нејзина волја, по што физички ја нападнал и ѝ нанел повреди.
Првично, Секторот за внатрешни работи Охрид поднел кривична пријава за тешка телесна повреда. Во текот на постапката, јавниот обвинител ја сослушал Сара во присуство на претставници на надлежните социјални служби, а било спроведено и вештачење за видот и карактерот на повредите.
По првото приведување, на Корабоски му биле изречени мерки на претпазливост, меѓу кои забрана да ѝ се приближува на Сара на помалку од 50 метри, одземање на пасошот и обврска редовно да се јавува во судот.
Сепак, полицијата повторно го привела на 16 ноември, повикувајќи се на нови околности утврдени во предистражната постапка. По ова, обвинителството побарало построга мерка, а судот одлучил да му одреди 30-дневен притвор.
Извор: TV21 – Македонија




