Бербок заминува за Ирак

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок денеска треба да отпатува за Ирак, јави ДПА.

Според ирачкото Министерство за надворешни работи, политичарката од Зелените ќе се сретне со премиерот Мохамед Шија ал Судани и со министерот за надворешни работи Фуад Хусеин во главниот град Багдад.

Германија и Ирак сакаат да ги зајакнат билатералните односи за време на посетата и да разговараат за поинтензивна соработка во областа на енергетиката и инвестициите, соопшти официјален Багдад. Германското МНР првично не сакаше да ги коментира планираните теми за разговор.

По години војна против терористичката милиција Исламска држава, новиот шеф на ирачката влада Ал Судани е под притисок да ја изведе својата земја од тешката политичка и економска криза.

Околу 30 отсто од луѓето во Ирак живеат во сиромаштија, а во земјата од 2019 година има повеќе масовни протести.

Германските војници го поддржуваат Ирак во борбата против Исламската држава. Пред неколку години, терористите контролираа големи области во Ирак и Сирија. Иако во меѓувреме беа воено поразени во регионот, тие продолжуваат да вршат напади. (МИА)

ОСТАНАТИ ВЕСТИ