Поранешниот американски претседател Џо Бајден бил нападнат и гаѓан со предмети за време на ненајавена посета на ирската престолнина Даблин. Според ирските и британските медиуми, во врска со инцидентот се уапсени две лица.
Бајден (83), заедно со сопругата, отпатувал во Даблин за да присуствува на церемонија на колеџот „Тринити“, на која неговиот син Хантер Бајден бил одликуван со златен медал за „исклучителен придонес во јавната дебата“, објави весникот „Ајриш тајмс“.
Поранешниот американски претседател седел во првиот ред на свечената сала за време на доделувањето на наградите.
Неговото пристигнување не било најавено, но штом публиката го забележала неговото присуство, реагирала со силен аплауз.
За време на разговорот со публиката по својот говор, Хантер Бајден го окарактеризирал израелското бомбардирање на Појасот Газа како „масовно убивање“, оценувајќи дека она што се случува во Газа е целосно погрешно и неоправдано.
Тој исто така го бранеше својот татко, изјавувајќи дека Џо Бајден ги донел најдобрите можни одлуки врз основа на информациите што му биле достапни во тоа време.
По церемонијата, семејството Бајден пред колеџот било пречекано од пропалестински демонстранти, кои се спротивставиле на поддршката што поранешниот американски претседател му ја давал на Израел за време на својот мандат.
Некои од демонстрантите фрлале неидентификувани предмети кон Бајден, додека полицијата интервенирала со употреба на солзавец и уапсила две лица, објавуваат британските медиуми.
Извор: TV21 — Свет



