Повеќе од осум часа поминале патниците во авион на авиокомпанијата „Рајанер“, кој требало да лета од Виена кон Лондон, поради обилните снежни врнежи и технички проблем со системот за одмрзнување на леталото.
Како што пренесува австрискиот весник „Хојте“, патниците ги опишале условите во авионот како неподносливи, откако нивното полетување постојано било одложувано.
Летот требало да се реализира вчера во 9:40 часот, но поради временските услови и проблемот со системот за одмрзнување, времето на поаѓање неколкупати било поместувано.
На патниците најпрво им било соопштено дека авионот би можел да полета околу 13:30 часот, поради техничкиот проблем со системот за одмрзнување. Сепак, ниту овој термин не бил испочитуван, па патниците продолжиле да чекаат во авионот.




