Шефот на хуманитарната операција на Европската унија (ЕУ) во Судан, Белгиецот Вим Франсен, кој исчезна во неделата вечер, вчера бил пронајден од неговите колеги од мисијата на ЕУ, но повреден, пишува „Њујорк Тајмс“.
Според весникот, неговите повреди се сериозни, но не се опасни по живот.
Во главниот град Картум, но и други делови на Судан, од саботата траат интензивни вооружени судири меѓу суданската армија и паравоените сили за брза поддршка (РСФ).
Белгиското Министерство за надворешни работи денеска потврди дека еден нивни државјанин е хоспитализиран, но не соопшти повеќе детали.
Хаотичните сцени на борби со тенкови, митралези поставени на камиони, артилерија и воени авиони во густо населените области на главниот град се без преседан.
Судан има долга историја на граѓански судири, но голем дел од нив се случувале во оддалечените племенски области, далеку од Картум.
Директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, вчера соопшти дека бројот на загинати се зголеми на 270.