Ова е петти штрајк во рундата преговори меѓу синдикатите на машиновозачите и на железницата за колективните договори што почнаа во ноември минатата година. Минатиот викенд преговорите пропаднаа поради спорот за пократка работна недела за машиновозачите
Штрајкот на машиновозачите на германските железници „Дојче бан“ во патничкиот сообраќај започна денеска во два часот по полноќ и треба да трае до утре до 13 часот. Товарните возови, пак, не сообраќаат од вчера од 18 часот, пренесуваат германските медиуми.
Во исто време со штрајкот на машиновозачите, еднодневен штрајк прогласиле и работниците од обезбедувањето на неколку аеродроми низ земјата, како и персоналот на Луфтханза.
Во моментов сообраќаат околу 20 отсто од возовите на меѓуградските линии, а „Дојче бан“ вметнал дополнителни вагони за секој воз да може превезе што повеќе патници.
Прекинот на работа не ги погодува само патниците во меѓуградскиот и меѓународниот сообраќај, туку и оние што одат на работа, имајќи предвид дека штрајкот на железничарите ги опфаќа и градските и приградските возови.
Ова е петти штрајк во рундата преговори меѓу синдикатите на машиновозачите и на железницата за колективните договори што почнаа во ноември минатата година. Минатиот викенд преговорите пропаднаа поради спорот за пократка работна недела за машиновозачите.
Синдикатот на машиновозачите бара да се намали неделното работно време од 38 на 35 часа, но платите на вработените да останат непроменети.
Претседателот на синдикатот на машиновозачите Клаус Веселски рече дека и од следната недела ќе има ненајавени штрајкови. Во тој случај, „Дојче бан“ нема да може да го организира потребниот возен ред.
Германскиот министерот за економија Роберт Хабек рекол дека мора да се најде решение кое нема да биде радикално и на штета на другата страна.
Поради штрајкот на железничарите, зголемен метеж има и на патиштата низ Германија. Во западниот дел од земјата, околу околу Келн и областа Рур, евидентирани се неколку застои во сообраќајот со колони од над 250 километри.
Инаку, аеродромот во Франкфурт е најтешко погоден од штрајкот, кој ги затворил вратите за патниците и има минимум транзитни летови. Според информациите на Здружението на германските аеродроми, околу 250 000 патници биле погодени од штрајкот.
Претседателот на економскиот институт Клеменс Фуест изјавил дека овој масовен штрајк е дополнителен негативен фактор за ослабен економски раст во Германија. Смета дека поради рецесијата во која влегува германската економија, според него, партнерите во преговорите за колективните договори треба да покажат поголема подготвеност за компромиси.