Гроси утре во Москва на разговори за безбедноста на нуклеарната централа Запорожје

Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, утре ќе ја посети Русија, потврди Михаил Улјанов, постојан претставник на Москва во меѓународните организации во Виена, каде што е седиштето на МААЕ.

Улјанов кажа дека Гроси ќе се сретне со руската меѓуресорска делегација во Москва, пренесоа руските медиуми.

Гроси пред седум дена се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски, а потоа најави дека најверојатно ќе отпатува за Русија во следните неколку дена.

Шефот на МААЕ ја посети и нуклеарната централа во Запорожје – најголемата во Европа, од каде соопшти дека е „блиску“ до договор за нејзината заштита бидејќи таа е загрозена од руската инвазија врз Украина.

„Мислам дека постигнувањето договор е блиску. Иако двете страни меѓусебно не се согласуваат, тие се согласуваат со МААЕ дека е потребна нуклеарна безбедност. Тоа е многу важен елемент што верувам дека треба да се земе предвид“, рече Гроси, пренесоа американските медиуми.

Гроси потоа додаде дека, бидејќи има се повеќе и повеќе борби околу централата, тој преговара со руските и украинските претставници само за мерките неопходни за да се спречи катастрофа во централата, што би била „голема нуклеарна катастрофа за цела Европа“. (МИА)

ОСТАНАТИ ВЕСТИ

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *