Хјуман рајтс воч: Човековите права се кршат низ целиот свет

Меѓународната невладина организација Хјуман рајтс воч (ХРВ), со седиште во Њујорк, денеска го објави својот Светски извештај за 2023 година, во кој укажа на кршењето на човековите права ширум светот, со посебен акцент на Русија, Украина, Кина, Авганистан, Иран и Етиопија.

– Во изминатата година имаше низа кризни ситуации поврзани со човековите права ширум светот, од Украина до Кина до Авганистан, вели в.д. директорката на ХРВ во извештајот, Тирана Хасан.

Таа истакна дека по руската инвазија врз Украина, глобалната заедница е задолжена за „ослободување на, како што таа го нарекува „целосниот арсенал“ на системот за човекови права“, а тоа вклучува и истрага на Меѓународниот кривичен суд.

– Видовме непосредни одговори од меѓународната заедница да се мобилизира околу клучната поддршка за човековите права, вклучително и воспоставување механизми за меѓународна правда, собирање докази за воени злосторства, рече Хасан.

Хасан додаде дека во градовите како Буча и Изјум, има докази дека окупаторските руски војници мачеле, силувале и егзекутирале цивили и нагласува дека Советот за човекови права на Обединетите нации документирал неколку стотици убиства на цивили за кои се верува дека се само дел од вкупниот број.

Во извештајот, исто така, се укажува на кршењето на човековите права во Кина, вклучително, како што се тврди, масовното затворање, тортура и принудна работа на околу еден милион муслимани во регионот Синџијанг, кои се подложени на тортура, политичка индоктринација и принудна работа.

Според ХРВ, ОН откриле дека прекршувањата во Синџијанг може да претставуваат злосторства против човештвото, повторувајќи ги наодите на повеќе групи за заштита на човекови права.

Пекинг ги отфрли обвинувањата на ХРВ.

ХРВ укажува и на ситуацијата во Иран, каде протестите предизвикани од смртта на девојката со курдско потекло Махса Амини, откако беше уапсена од полицијата за морал, се претворија во општи антивладини демонстрации и додава дека беа егзекутирани најмалку четворица демонстранти, што, како што велат, требало да предизвика „глобален одговор“.

– Новата генерација на демонстранти ширум земјата ги одразува фрустрациите на минатите генерации: луѓе уморни од живеење без основни права и со нив владеат оние кои безобразно ја игнорираат благосостојбата на својот народ, се вели во извештајот.

Се истакнува дека иранските власти безмилосно ги задушија протестите со употреба на прекумерна сила, проследени со лажни судења и смртни казни против оние кои се осмелија да ја оспорат власта на владата.

Вооружениот конфликт во северна Етиопија доби само мал дел од глобалното внимание, кое е насочено кон Украина, и покрај бројните злосторства извршени од завојуваните страни, се наведува во извештајот на ХРВ.

Тие додаваат дека уште во 2020 година, тензиите меѓу федералната влада на Етиопија и регионалната влада на Тиграј, Народноослободителниот фронт на Тиграј (TPLF), ескалираа во отворена војна во регионот Тиграј, при што регионалните сили Амхара и еритрејската армија ги поддржуваа Вооружените сили на Етиопија.

Оттогаш, владата го ограничи пристапот до областите погодени од конфликтот за независните истражители и новинари, што ја отежнува истрагата за злоупотребите таму, иако конфликтот се прошири во соседните региони Амхара и Афар.

Меѓународната заедница и ОН ги осудија убиствата во Етиопија, широко распространетото сексуално насилство и грабежите, но не направија ништо друго, се вели во извештајот.

Кампањата за етничко чистење насочена против населението на Тиграј доведе до масовни смртни случаи и принудно раселување на илјадници луѓе, проценува ХРВ.

Ефективната опсада на владата на регионот Тиграј продолжи до 2022 година, не дозволувајќи му на цивилното население пристап до храна, лекови и хуманитарна помош, како и до електрична енергија и средства за комуникација, со што се кршат нивните основни човекови права, се вели во извештајот на ХРВ.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *