Градежните активности за реконструкција и проширување на патниот правец граничен премин Ќафасан, на албанско-македонската граница, кај Струга, до градот Елбасан, се одвиваат со несмалена динамика.
-На патниот сегмент Ќафасан – Елбасан, кој е дел од коридорот VIII, продолжуваат со несмалена динамика, додека истовремено се работи на неколку фронтови за забрзување на имплементацијата на проектот. Во моментов продолжува изградбата на два моста, формирањето на патната траса, нејзина изградба и полнење, како и спроведувањето на работите за заштита на речните текови, објави албанската агенција за државни патишта
Паралелно, се изведува бетонирањето на тунелот во Мирака, додека во оваа област продолжува и изградбата на пешачки надвозник, работи што имаат за цел да ја зголемат безбедноста за жителите и учесниците во сообраќајот.
-Овој патен правец е еден од стратешките проекти за патната инфраструктура во земјава, кој ќе го олесни сообраќајот и ќе го скрати времето на патување, како во правец на Македонија, така и во правец кон Корча, со зголемување на максималната дозволена брзина до 110 километри на час. Се очекува завршувањето на инвестицијата да ја зголеми безбедноста на патиштата, олеснувајќи го движењето на луѓе и стоки, наведуваат од Агенцијата.
Патот Елбасан-Ќафасан е од категоријата Б, со по две ленти од секоја страна, со разделници и сите параметри на патот а по неговата изградба минувањето на оваа делница ќе биде за околу половина час. Вкупната должина на делницата е педесетина километри, и како дел од Коридорот 8, нагласуваат од Агенцијата, е „ главен јазол на копнената врска со Македонија и Грција“.
