Малолетник добил труење од алкохол во Струга

Струга – Малолетно лице од Тетово завршило во неконтактибилна состојба во Медицинскиот центар во Струга, откако консумирало алкохолни пијалаци кои, како што информира СВР Охрид, ги набавило од продажен објект во градот. По настанот, поднесена е кривична пријава против правното лице, управителот и вработен во објектот.

Според соопштението на СВР Охрид, Основното одделение за внатрешни работи Струга поднело кривична пријава за кривичното дело „Точење алкохолни пијалаци на дете“, согласно Кривичниот законик.

„Пријавените, без да побараат личен документ за идентификација, му овозможиле на малолетното лице да купи алкохол, од чие консумирање подоцна настанало труење. Лицето било пренесено во медицинска установа во сериозна состојба“, изјави портпаролот на СВР Охрид, додавајќи дека на овој начин е прекршена законската забрана за продажба на алкохол на малолетници.

Случајот е предаден на надлежното обвинителство за понатамошна постапка.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ