Членовите на мексиканскиот безбедносен кабинет ќе разговараат оваа недела во САД со американски официјални претставници за спречување на шверцот на синтетичкиот опијат фентанил, изјави денеска мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор.
Тој додаде дека на состанокот ќе се разговара и за други теми, вклучително и трговијата со оружје.
Членови на американскиот парламент ја повикуваат администрацијата на Џо Бајден да заземе поостар став и да го зголеми притисокот врз Мексико за да се запре шверцот со фентанил.
Неколку републиканци дури ја повикаа американската војска да ги бомбардира мексиканските картели и нивните лаборатории во Мексико.
Според американскиот Центар за контрола и превенција на болести во САД минатата година од предозирање со фентанил починале повеќе од 100.000 луѓе.
Американските власти тврдат дека речиси целиот фентанил што се наоѓа на улиците во САД е масовно произведен од моќна криминална група на мексиканска територија. Обрадор ги негира таквите тврдења. (МИА)