Повеќе од 50 земји стапија во контакт со Белата куќа за да започнат трговски разговори, изјави во неделата главниот економски советник на американскиот претседател Доналд Трамп, додека американските фунцкионери се обидуваат да ги објаснат и одбранат големите нови царини што предизвикаа глобални превирања.
Во интервју за телеизиската мрежа ABC News и емисијата „This Week“, директорот на Националниот економски совет на Соединетите држави, Кевин Хасет, негираше дека царините се дел од стратегијата на претседателот Трамп насочена кон уривање на финансиските пазари, со цел да се изврши притисок врз американската централна банка да ги намали каматните стапки.
Хасет рече дека нема да има политички притисок врз централната банка. Во објавата на социјалната мрежа Truth Social во петокот, Трамп сподели видео во кое некои видоа сугерирање дека новите царини, меѓу другото, се насочени кон намерно уривање на берзата во обид да се принудат банките да ги намалат каматните стапки.
Во одвоено интервју за NBC News и емисијата „Meet the Press“, американскиот секретар за финансии Скот Бесент го минимизираше значењето на падот на берзата, велејќи дека „нема причина“ да се предвиди рецесија врз основа на царините.
Претседателот Трамп ги потресе економиите ширум светот откако во средата објави низа царини за увозот од САД, што ја поттикна Кина да возврати и да ги поттикне стравувањата од рецесија и глобална трговска војна.
Во утринските ток-шоуа во неделата, претставниците на администрацијата на Трамп ги претставија царините како мудро репозиционирање на САД во глобалниот трговски поредок, а економските нарушувања како краткорочни последици.
Американските акции паднаа за околу 10 отсто за само два дена откако Трамп го објави новиот глобален царински режим, кој беше уште поагресивен отколку што очекуваа аналитичарите и инвеститорите.
Пазарните аналитичари и големите инвеститори го обвинуваат агресивниот царински притисок на Трамп за падот, а повеќето економисти и шефот на американската централна банка веруваат дека тоа може да ја поттикне инфлацијата и да му наштети на економскиот раст.
Пазарите погодени од царините се соочуваат со уште една седмица потенцијална царинска турбуленција, најтешка по најтешката седмица за американските акционери од почетокот на кризата со коронавирусот пред пет години.
Хасет изјави за ABC News дека американските царини досега поттикнале „повеќе од 50“ земји да контактираат со Белата куќа за да започнат трговски разговори.
За разлика од другите економисти, Хасет рече дека не очекува преголем удар за потрошувачите бидејќи верува дека извозниците ќе ги намалат цените.
Бесент изјави за NBC News дека не предвидува рецесија поради царините, наведувајќи го поголемото од очекуваното зголемување на работните места во САД и покрај стотиците илјади откази во сојузните агенции.
„Во петокот од податоците за работните места, кои беа многу над очекувањата, можевме да видиме дека одиме напред, така што не гледам причина да завршиме во рецесија“, заклучи Бесент.