Најмалку 59 лица загинаа, а 44 се водат како исчезнати како последица на поплавите и одроните предизвикани од обилните дождови во Непал, соопшти во саботата полицијата.
Со оглед на тоа што силниот дожд почна да паѓа веќе во петокот, властите го предупредија населението на поројни поплави поради неколку околни реки.
„Во моментов има 59 загинати, 36 повредени и 44 лица исчезнати“, изјави за AFP портпаролот на непалската полиција Дан Бахадур Карки, додавајќи дека досега се регистрирани повеќе од 200 случаи на поплави и лизгање на земјиштето.
Во главниот град Катманду реките се излеаја од коритата, поплавувајќи ги куќите лоцирани во близина на брегот. „Ова е страшно. Никогаш порано не сум видел таква штета“, рече Махамад Шабудин (34), сопственик на продавница за поправка на мотоцикли во близина на надојдената река Багмати.
Некои од преживеаните се засолниле на покривите на куќите и зградите, а некои успеале да се пробијат низ поплавените улици. „Кога излегов од мојата куќа среде ноќ, водата ми беше до рамениците“, вели 49-годишниот возач Хари Мала.
„Полицијата работи со други институции и јавноста за да ги пронајде и спаси исчезнатите“, изјави Басанта Адикари, портпарол на Националната агенција за управување со ризици од катастрофи на Непал.
Повеќе од 3.000 припадници на безбедносните сили се исто така распоредени за да помогнат во спасувачките операции користејќи хеликоптери и моторни чамци. Поради одрони блокирани се неколку автопатишта, што оневозможува какво било движење на жителите. Сите домашни летови од Катманду се откажани од петокот навечер. Има повеќе од 150 поаѓања.
Во периодот од јуни до септември, секоја година низ Јужна Азија, монсуните оставаат зад себе пустошење и човечки жртви, но бројот на разорни поплави и лизгање на земјиштето се зголеми во последните години. Експертите истакнуваат дека нивната зачестеност и интензитет биле предизвикани од климатските промени.