Хаос на охридско-струшкото крајбрежје пред почетокот на туристичката сезона. Кај триесеттина угостителски објекти досега се констатирани неправилности и неисполнување на дел од условите за работа. Во Струга, станува збор за 16 од вкупно 17 досега контролирани објекти. 8 од нив се наоѓаат на самите плажи, други 6 угостителски објекти во градот и 1 хотел. Изречени им се парични казни за неправилности и поднесени се прекршочни пријави. На еден објект изречена му е и забрана за работа во рок од 10 дена, поради непочитување на работното време. Ова го констатирале инспекторите на Државниот пазарен инспекторат, кои заедно со МВР, деновиве вршат вонредни инспекциски контроли
„Од сите надзори на плажа во Струга вкупно 9 кај 8 се констатирани неправилности и се издадени 16 платни налози. На 15.03.2025 година во заедничка контрола со МВР Струга и Трудов инспекторат поминати се и 2 игротеки од кои 2 имаат констатиран прекршок. Кај едната се издадени 2 платни налози а кај другата има решение со опомена за отстранување на недостаток. Игротеките се затворени од УЈП после нашите надзори“, велат од ДПИ.
Во Охрид ситуацијата е уште полоша. Извршени се вкупно 56 вонредни инспекциски контроли во угостителски објекти, меѓу кои кабареа и ресторани. Кај 10 досега контролирани хотели, не биле констатирани неправилности, но затоа пак затворени се пет други угостителски објекти и констатирани се бројни неправилности.
„Во останатите угостителски објекти констатирани се неправилности и издадени се 18 прекршочни платни налози. Издадени се 5 решенија за привремена забрана за вршење дејност. На плажа во Охрид извршени се 3 вонредни надзори и издадени се 4 платни налози“, додаваат од ДПИ.
Од Хотелската асоцијација повикуваат секој кај кого се констатирани одредени неправилности истите да ги отстрани, да се постават противпожарни апарати или пак ако поседуваат да ги проверат истите.
„Треба да се поминат сите објекти, посебно тие диви објекти, бидејќи не подлежат на инспекциски служби, никој не ги проверува, а постојат како такви и функционираат и работат. И тие контроли треба да си работат стално, не може да бидат само во одреден момент, кога тоа некој го бара од нив или не. Нивната работа е да си ја вршат таа дејност, да проверуваат секакви објекти“, изјави Крсте Блажески-претседател на ХОТАМ.
Блажески не верува дека последните случувања ќе има поголеми последици по туризмот во Охридско- струшкиот регион. Во Струга поради небезбедност минатата недела беше затворена и спортската сала во средното училиште „Нико Нестор“. Засилените контроли доаѓаат по трагичниот настан во дискотеката во Кочани во која животот го загуба 61 лице.
Мики Трајковски