Поради недостиг на средства Црвениот крст укинува 1.500 работни места

Меѓународниот комитет на Црвениот крст годинава ќе укине околу 1.500 работни места во повеќе земји во светот поради недостиг на средства, соопштија од седиштето на организацијата во Женева, пренесува ДПА.

Кратењата значат дека најмалку 20 од 350 бази на Црвениот крст во светот ќе бидат затворени и организацијата ќе се фокусира најмногу на своите основни задачи. Тие вклучуваат хуманитарна помош за цивилите во конфликтните зони и промовирање на усогласеност со меѓународното хуманитарно право, кое ги регулира правилата за војување и заштита на цивилите за време на воени конфликти.

Отсега до почетокот на следната година се очекува да се заштедат 430 милиони швајцарски франци (470 милиони долари).

„Оваа година се соочуваме со бројни предизвици“, велат од организацијата.

Од една страна, дел од ветените донации никогаш не дојдоа, а од друга, трошоците растат поради инфлацијата. Затоа Црвениот крст минатата година ја заврши со дефицит од околу 140 милиони швајцарски франци, кој беше пренесен во буџетот за оваа година.

Покрај тоа, сè потешко е да се примаат донации од влади кои не се однапред планирани и не се со слободен пристап.

Според МКЦК, за 2023 година на организацијата и се потребни 2,8 милијарди швајцарски франци. Ова е само 0,3 отсто повеќе од минатата година, иако војната во Украина ја принуди организацијата да ги прошири своите активности.

Во Црвениот крст во моментов работат околу 20.000 луѓе. Организацијата има намера да го спроведе процесот на намалување на работните места главно со ослободување на вработените кои наполниле возраст за пензионирање, како и со привремено суспендирање на нови вработувања.

Мисијата на МКЦК е да им помага на луѓето погодени од конфликти – ова ги вклучува оние кои биле принудени да ги напуштат своите домови, како и воените заробеници.

Паралелно со МКЦК, постои и Меѓународната федерација на здруженија на Црвениот крст и Црвената полумесечина – организација која обединува различни волонтерски спасувачки и хуманитарни активности.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *