Продолжува идентификацијата жртвите во железничката несреќа во Грција, официјално потврдени 57 загинати

Акцијата на спасувачите на местото на железничката несреќа кај месноста Темпи во Грција, продолжува и рано утрово, се очекува да заврши денеска, а паралелно во службата на судската медицина во Лариса, продолжува идентификацијата на жртвите.

Досега официјално се потврдени 57 загинати, а во болниците се хоспитализирани 48 патници, од кои шест се на одделите за интензивна нега.

Идентификација на жртвите се врши преку ДНК анализи, а според портпаролката на грчката полиција Константина Димолиду земени се 55 примероци од телата, 52 примероци од роднини на патниците и 26 примероци од пронајдените делови од човечки тела.

-Досега се извршени 24 идентификација на тела од Управата за криминалистички истраги, 20 со ДНК анализа, две со ДНК и анализа на отпечаток од прст и две само со метод на анализа на отпечатоци, рече портпаролката на грчката полиција на синоќешната прес конференција, пренесувајќи ги информациите заклучно со 19.15 часот.

Додаде дека иако процесот на ДНК анализи вообичаено трае неколку дена, се прават напори да заврши до денеска.

Од грчката опозициска партија СИРИЗА вчера упатија апел до надлежните да ја објават „вистинската слика за обемот на трагедијата“ и коментираа дека сѐ уште е непознат бројот на исчезнати.

И речиси 60 часа по несреќата, не постои точна информација колку патници имало во возот.

Од компанијата „Hellenic train“ во средата соопштија дека во патничкиот воз се пренесувале „околу 350 патници“, неколку часа подоцна, портпаролот на Противпожарната служба рече дека имало 342 патници, десет членови на екипажот, а во товарниот имало две лица, а портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на вчерашниот редовен брифинг со новинарите објасни дека од повеќе причини тешко е да се знае точниот број на патници.

Прво, како што рече, поради тоа што не се сите билети со име и презиме, бидејќи не биле сите купени онлајн, а оние кои се од шалтер се без лични податоци.

И второ, бидејќи некои луѓе можеби се качиле во возот во последен момент.

Поради железничката несреќа, веќе трет ден во Атина се организираат протести и собири.

Синоќа имаше нов протест пред зградата на „Hellenic train“, а за денеска напладне демонстрации закажаа учениците и студентите.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *